Почитувани граѓани на општина Битола
- Пред се, од мое име и од името на вработените во КЈП НИСКОГРАДБА БИТОЛА, би сакал да ви Ви ја честитам Новата 2023 година, да Ви посакам добро здравје и многу поуспешна година од претходната.
Со денешната прес конференција, сакам да Ве информирам за нашата континуирана ангажираност изминатата година, со што во голема мера ги реализиравме зацртаните цели, ставајќи се целосно во служба на граѓаните на општина Битола, во сите области кои се во надлежност на претпријатието, а во согласност со условите и можностите за реализација.
Економската и енергетска криза, донесоа зголемување на цените на материјалите, поскапување на енергенсите, така што создадоа нови предизвици, кои настојуваме успешно да ги менаџираме во соработка со нашите вработени, а притоа тековното одржување непречено да се реализира, додека паралелно работиме и на реализација на нови проекти, кои ќе ги подобрат условите во нашиот град.
-Во изминатата 2022 година реализирани се инсталации од одводни цевки од различни профили во реконструкција на канализациона мрежа, секундарна канализација, фекална, атмосферска и мешовита канализациона мрежа во вкупна должина од 4.839 метри.
Ја завршивме изведбата на колекторот за фекална канализација во село Брусник, што е многу значајно за граѓаните на ова населено место, а посебно од аспект на заштита на животната средина.
Во 2022 година претпријатието Нискоградба Битола го исчисти коритото на реката Драгор во две фази. Истото подолг период не беше исчистено, а знаеме од колкава важност е тоа за нас како битолчани, па и за изгледот на градот.
И покрај проблемите со набавката на асфалт, успеавме да санираме ударни дупки со топол асфалт низ улиците во нашата општина на вкупна површина од 3.808 м2 и санација со пластичен асфалт во вкупна површина од 2.019 м2 кој за прв пат се уптребува како матријал за ваква намена во нашата општина.
Работевме на стабилизација на банкини со коцка при санација на коловозот, на секундарна и фекална канализациона мрежа во с. Трново. Во 2022 година, имавме доста санации на дефекти на приклучоци и многу интервенции на затнати одводи, за што би сакал да апелирам до граѓаните на поголема внимателност, да не се испуштаат несоодветни материјали во одводите затоа што штетите кои се предизвикуваат се големи.
КЈП Нискоградба, активно се вклучи и во проектот на општина Битола за создавање на нови уредени простори, за што работевме на отстранување на нелегално поставените објекти околу ЈАТ И Офицерски дом со цел општината да може да ги реализира своите активности на урбано уредување на овие простори.
Со добро организираната зимска служба, минатата година ги надминавме и проблемите предизвикани од врнежите на снег во зимата 2021/22 година.
Презедовме мерки и за подобрување на возниот парк, за што набавивме камион со посипувач и нож за чистење на снег, кој ќе се користи за повеќе намени и во голема мера ќе ја засили работата на зимсклата служба на претпријатието. Исто така, во делот на енергетската ефикасност, извршивме промена на старата дотраена дограма во управната зграда и стопанскиот двор со нова ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНА ДОГРАМА.
И покрај економската криза и растечката инфлација во 2022 година успеавме да се носиме со сите предизвици, линеарно ги зголемивме платите на вработените, БЕВМЕ КОНТИНУИРАНО ЛИКВИДНИ, НЕМАМЕ КРЕДИТНО ЗАДОЛЖУВАЊЕ и што е многу важно: во интерес на нашите граѓани ГИ ЗАДРЖАВМЕ ПОСТОЕЧКИТЕ ЦЕНИ КОИ ГИ НАПЛАЌАМЕ ЗА УСЛУГИТЕ.
Во оваа насока, со успешно работење, продолжуваме и оваа година, така што веќе работиме на изведбените работи во првата фаза во новиот парк Довлеџик, како и на други активности, кои ќе се реализираат во годината пред нас.
Продолжуваме да работиме домаќински и во служба на граѓаните, со цел создавање подобри услови за сите жители на нашата општина.